Лионел Меси ќе добие шанса да ја круниса својата блескава кариера со светска титула, откако ја предводеше Аргентина до 3:0 победа над Хрватска во првото полуфинале на Мундијалот во Катар.
За разлика од четврт-финалето против Холандија кога им беше потребна драматична победа на пенали, овојпат, до триумфот тие стигнаа релативно лесно, казнувајќи ги грешките на Хрватите во првото полувреме, за да осигураат меч за титула против подобриот од утрешниот меч помеѓу актуелниот шампион Франција и најголемото изненадување, Мароко.
Хрватска започна посигурно, со посед на топката, но без вистински шанси пред голот на Мартинез, пред во 34. минута, судијата Даниел Орсато да досуди пенал за „албиселесте“ по судирот на Хулијан Алварез со хрватскиот голман Доминик Ливаковиќ. И покрај протестите на Хрватите, и црвениот картон кој го доби Марио Манџукиќ (помошник на Златко Далиќ) на клупата, Меси беше безмилосен со совршено изведен пенал за водство.
Хрватска не се созеде, а веќе беше 2:0, откако младиот напаѓач на Манчестер сити, Алварез ја искористи довербата која ја доби од селекторот Лионел Скалони за во 39. минута со соло-продор да го удвои водството. По ова, во второто полувреме, Хрватска повторно се обиде да влезе во напад, пред во 69. минута, Меси фантастично да го помине Јошко Гвардиол, и да му асистира на Алварез за негов втор гол и за печат на победата.
За Хрватите, сепак, останува големото постигнување и сега ги очекува комплетирање на уште еден успешен Мундијал со борбата за бронзениот медал.