Утрински Весник
Македонија

Маричиќ: Имаме јасна цел и реформски план, следниот Извештај на ЕК ќе биде со подобра оценка

Маричиќ: Имаме јасна цел и реформски план, следниот Извештај на ЕК ќе биде со подобра оценка

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, на панел-дискусијата посветена на годишниот Извештај на Европската комисија за кластерите „Внатрешен пазар“ и „Конкурентност и инклузивен раст“, рече дека Владата има јасно поставена цел, јасен план за реформирање кој мора да продолжи и во следниот период.

dobivaj vesti na viber

– Свесни сме дека пред нас е сложен и долгорочен процес кој бара континуитет и силна политичка волја за темелни реформи. Обврската што ја преземаме е тешка, но знаеме и која ни е целта: развој, просперитет, европска економија, европски пазари, европски животен стандард за граѓаните, до крајот на 2030. Амбициозна, но достижна цел, истакна Маричиќ.

Вицепремиерот посочи дека Годишниот Извештај на Европската комисија за 2022 година, кој пристигна неколку месеци после почетокот на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија, ќе биде основа за компарација како било пред, а како после почетокот на преговорите.

– Верувам дека заеднички ќе ја подобриме оценката на следниот годишен Извештај на ЕК, ќе правиме сигурни чекори на европскиот пат и заеднички ќе ја реализираме нашата стратешка цел, рече Маричиќ пред присутните додавајќи дека преговорите со ЕУ се државен и тимски проект кој надминува и мандат на една влада и партиски интереси.

За главниот преговарач со ЕУ сите Кластери и поглавја се важни и имаат своја посебна тежина, но поглавјата од Кластерите 2 и 3, „Внатрешен пазар“ и „Конкурентност и инклузивен раст“, имаат директно влијание врз животот на граѓаните бидејќи опфаќаат значајни области и за работниците и за работодавците, малите и големите претпријатија, индустријата, стопанството, економската и монетарната политика, оданочувањето, социјалната политика, но и науката и истражувањето и образованието и културата.

– Затоа пред Извештајот застануваме транспарентно, инклузивно и одговорно кон сè она што е нотирано во него. Секоја забелешка и препорака да биде наша насока за планирање на следна реформска активност, доколку сакаме да успееме во овој државнички проект, кој се случува само еднаш и за кој имаме само една шанса, потенцираше Маричиќ.

Вицепремиерот кажа дека Извештајот покажува стабилен континуитет во вкупната подготвеност на земјата и одржливи реформи и напомена дека сега мора да го задржи континуитетот и да се даде нова динамика на реформите.

Можете да прочитате

(Видео) Со колони знамиња прославено во Скопје Денот на албанското знаме

Јаневска: Директорот во студентскиот дом „Пелагонија“ набавил пилешко по цена од 570 денари за килограм

Ратите за новите автобуси ќе се отплаќаат од 2028 година, најавува премиерот Мицкоски