„Истражители од САД ќе гонат криминал, затоа што криминалците од Министерството за внатрешни работи не може да гонат криминалци. Еве еден пример за тоа како Оливер Спасовски и Назим Буши, СДС и ДУИ спроведуваат беззаконие во Република Македонија. Веќе 13 дена Министерството за внатрешни работи го релативизира инцидентот на дивеење во Скопје со приватно возило со флешери, кое беше запрено од полициска контрола и за кое интервенирале највисоки лица од МВР да биде пуштено. МВР на Спасовски го забошотува целиот овој случај и негира вмешаност на синот на Назим Буши“, рече на денешната прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Коцевски.
„На 26 ноември, на патот од Качанички пат кон Скопје полицијата забележала возило ‘мерцедес’ кое со голема брзина се движело кон градот, по што биле известени екипи да го запрат истото возило. Откако возилото било запрено висок функционер во МВР барал од полициските службеници истото веднаш да биде пуштено. Функционерот кој барал пуштање на возилото бил помошник-началникот на СВР Скопје, Вулнет Аземи. Истиот подоцна во обид да се прикрие инцидентот е казнет затоа што се јавувал возилото да биде пуштено“, рече Коцевски.
Тој напомена „да не дозволиме власта да го прикрие овој инцидент во кој се вмешани највисоки функционери. Затоа пристапуваме кон расветлување на овој случај. Спасовски треба да одговори, за кого се јавувал Вулнет Аземи, ако во возилото не бил Ќерим Буши, син на Назим Буши, заменик-министер во министерството за внатрешни работи? И тоа со назнака дека се работи за познат човек? Кој е тој познат човек, и дали истиот е Ќерим Буши, син на заменикот министер во МВР Назим Буши?“.
Коцевски прашува и „каде е сега регистарската ознака за мерцедесот СК 0202 АП, за кој е отворен овој случај? И дали постои оваа табличка од пред неколку дена, и ако не зошто не? Дали мерцедесот со овие регистарски ознаки бил во сопственост на битолска фирма, чии сопственици се во роднински врски со Назим Буши и дали истото најчесто било возено од неговиот син?“.