Утрински Весник
Свет

Американскиот Конгрес донесе закон за заштита на истополовите бракови

Американскиот Конгрес донесе закон за заштита на истополовите бракови

Американскиот Конгрес донесе закон за заштита на истополовите бракови низ САД, а демократскиот претседател Џо Бајден најави дека брзо ќе го потпише.

dobivaj vesti na viber

Заедницата меѓу истополови парови е загарантирана со одлуката на Врховниот суд на САД од 2015 година. Меѓутоа, бидејќи Врховниот суд, кој сега има мнозинство конзервативни судии, го укина децениското уставно право на абортус во јуни, демократите стравуваат дека може да го промени законот за истополови бракови на ист начин.

Веќе се зборува дека одредени американски бизниси би имале право да одбијат да им служат на истополовите парови во име на слободата на изразување, за што би можело да се реши летото, пишува АФП.

Голем дел од Американците ги поддржуваат истополовите бракови

Откако Претставничкиот дом го прифати предлогот, текстот на законот наречен RMA (Закон за почитување на бракот) треба да биде потпишан од претседателот Бајден за да стапи на сила. Предлог-законот веќе беше прифатен од Сенатот минатата недела. Големо мнозинство Американци ги поддржуваат истополовите бракови, дури и меѓу републиканците, а верската десница се противи, пишува Франс прес.

Конкретно, текстот прифатен денес ги укинува претходните закони кои го опишуваат бракот како заедница на маж и жена. Текстот им забранува на матичарите, без оглед на земјата во која работат, да ги дискриминираат паровите врз основа на нивниот пол, раса, етничка припадност или потекло.

Во 1967 година, Врховниот суд на САД ја прогласи забраната за меѓурасни бракови за неуставна. Овој закон не ги обврзува сите сојузни држави да дозволуваат истополови и меѓурасни бракови, туку ги обврзува да ги признаат доколку се склучени во држави каде што се легални. Со овој закон се укинува и регулативата од 1996 година со која бракот се дефинира како заедница на маж и жена.

Сите демократи и 39 републиканци гласаа за законот, додека 169 републиканци гласаа против.

Претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси, која ја напушта функцијата во јануари, не го криеше задоволството од прифаќањето на еден од последните нацрт-закони што ќе ги потпише како претседател на Домот, а кој ги опфаќа истополовите парови.

На говорницата, неколку минути пред гласањето, Пелоси му оддаде почит на Харви Милк, кој беше првиот отворено геј градски советник во Калифорнија, кој беше убиен во 1978 година.

„Тој им порача на своите поддржувачи: Ја вкусив слободата и нема да направам ниту еден чекор назад. Денес, Претставничкиот дом гордо стои со силите на слободата против враќањето назад“, рече таа.

Во Америка има околу 568 илјади истополови бракови

Кога гласаше Сенатот, нацрт-законот беше усвоен со 61 спрема 36, при што 12 републиканци им се приклучија на демократите (од 49) и повеќето други републиканци гласаа против.

Нацрт-законот беше напишан од група демократски и републикански сенатори од страв дека Врховниот суд може да ја поништи пресудата од 2015 година Обергефел против Хоџис и да ги загрози истополовите бракови низ САД.

Демократите ја нарекоа мерката победа за ЛГБТ правата во време кога некои држави се обидуваат да ги ограничат правата на трансродовите луѓе. Според Заводот за статистика, во САД има околу 568.000 истополови бракови.

Можете да прочитате

Макрон: Се надевам дека Французите нема да мора да се борат во Украина

САД се длабоко загрижени поради законот за „странски агенти“ на Грузија

Зеленски се обрати до нацијата: Се браниме кај Харков, во Доњецк е исклучително тешко