Чешкото претседателство и Европската комисија го изразија своето задоволство и и’ честитаа на Хрватска за големиот успех по изгласувањето на одлуката за влез во Шенген зоната, но и нивното разочарување од немањето консензус за Бугарија и Романија.
„Честитки за Хрватска за овој голем успех“, рече чешкиот министер за внатрешни работи Вит Ракушан. Тој особено ги пофали хрватското МВР и министерот Давор Божиновиќ.
„Тие завршија одлична работа и на дипломатско ниво и на нашите билатерални средби. Имавме одлична соработка и тоа е навистина заеднички успех на хрватскиот министер и чешкото претседателство“, рече Ракушан. Посочи дека ова е голем успех и за чешкото претседателство, особено затоа што Чесите сакаат да доаѓаат во Хрватска, па одлуката е важна и на внатрешно политичко ниво.
„Нашите граѓани со нетрпение очекуваат следното лето да пристигнат во Хрватска без гранични контроли“, рече Ракушан.
Комесарката за внатрешни работи Илва Јохансон ја поздрави Хрватска.
„И честитам на Хрватска и нејзините граѓани. Вие заслужувате да бидете полноправна членка на Шенген, сега имаме одлука за тоа и сте повеќе од добредојдени“, рече Јохансон.
Во исто време и двајцата изразија разочарување поради немањето консензус за влез на Бугарија и Романија. Австрија беше против двете земји, а Холандија ја поддржуваше Романија, но не и Бугарија.
„Ќе излажам ако кажам дека не сум разочарана. Го делам разочарувањето со граѓаните на Бугарија и Романија кои заслужуваат да бидат дел од зоната на слободно движење“, рече Јохансон.
Таа се надева оти двете земји ќе влезат во Шенген зоната до крајот на мандатот на оваа Комисија, што значи до есента 2024 година.
Министерот Ракушан рече дека е благодарен на претстојното шведско претседателство, кое најави дека ќе продолжи да ја работи започнатата работа од чешкото претседателство и меѓу своите приоритети да го вклучи натамошното проширување на Шенген. На новинарско прашање дали постои опасност поради недостиг на договор за Бугарија и Романија да биде во опасност и консензусот за Хрватска, министерот Ракушан одговори дека спречил такви обиди.
„Се обидовме да спречиме таков вид на опасност“, рече Ракусан.
Според дипломатски извори, Германија и Луксембург се обиделе да извршат притисок врз Австрија и Холандија велејќи дека сите три земји треба да бидат ослободени или ниту една, но на крајот се откажале, пишува „Индекс“.