Претседателот Стево Пендаровски денеска во Брисел учествуваше на Самитот ЕУ – Западен Балкан во организација на аналитичкиот центар (тинк – тенк) Пријатели на Европа.
На сесијата во рамки на Самитот, претседателот истакна дека историски момент и значаен исчекор за Северна Македонија е отворањето на преговорите за членство во ЕУ оваа година, но дека почетокот на овој процес истовремено имаше висока цена за нашата земја, имајќи го предвид противењето на преговарачката рамка, која сепак на крајот беше усвоена. Тој посочи на истражувањата на јавното мислење и падот на евроентузијазмот, односно поддршката за интеграција во Европската Унија во последните 18 месеци.
Претседателот Пендаровски рече дека одговорното политичко лидерство треба да покаже дека ова е најдобрата алтернатива за нашата држава, за просперитетот и за вистинска трансформација во виталните области на нашето општество, нагласувајќи дека ова е патеката од која нема да се откажеме. На тој пат, додаде тој, очекуваме целосна поддршка од страна на ЕУ и ја потенцираше неопходноста Западниот Балкан постојано да биде во фокусот на Унијата, не само кога Европа се соочува со предизвици како што е војна, или мигрантска криза.
Во дискусијата, претседателот посочи дека се потребни промени како во нашиот регион, така и во Брисел, додавајќи дека сè додека Унијата не го промени начинот на одлучување, не може да се очекува голем прогрес во однос на проширувањето, но и на другите политики. Понатаму, тој истакна дека колку помалку ЕУ е присутна во нашиот регион, толку повеќе ќе се даде простор за Русија и за разни тоталитарните модели на управување.
На прашање во однос на улогата на младите во евроинтеграциите и како да се зголеми нивното влијание и улога во процесот на одлучување и креирање политики, претседателот Пендаровски рече дека тој секогаш го поддржувал младинскиот активизам и иницијативи, посочувајќи го и формирањето на Претседателскиот центар за политичко образование, во насока на јакнење на демократските политички вредности и придонес на младите за позитивен развој на општеството.
Тој ја потенцираше важноста од нивната улога во севкупниот напредок на општеството, додавајќи дека е невозможно да се усвојуваат легислативи кои ќе бидат во корист само на младите, или само на постарата генерација, туку потребни се промени од кои ќе имаат бенифит сите генерации. Воедно, тој го посочи иселувањето и негативната демографија како сериозна закана за нашите општества.
На Самитот, покрај претседателот Пендаровски, учествуваше премиерот на Република Албанија, Еди Рама и премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ.