Кинеските власти одлучија да ги олеснат мерките за карантин за заразените со коронавирус. Надлежните велат дека луѓето со асимптоматски или благ коронавирус сега ќе можат да бидат ставени во карантин дома, наместо во државни институции, што значително ќе ја олесни политиката „нулта ковид“, која предизвика гнев кај населението по неколкумесечни ограничувања.
Новите мерки ќе значат дека оние кои ги чувствуваат симптомите на Ковид 19 ќе можат да останат дома и да го пријават резултатот од тестот до самите власти. Земјата го укина и задолжителниот ПЦР тест како услов за влез во повеќето институции и установи, освен во болниците и училиштата.
Олеснувањето на мерките доаѓа само една недела откако избувнаа граѓански протести низ целата земја против строгата политика за нулта ковид. Централизираниот карантин стана крајно непопуларен и предизвика незадоволство бидејќи првенствено ги раздвои семејствата – со тоа што болното лице беше физички одвоено од здравото.
Властите, исто така, ревидираа неколку други мерки, кои го вклучуваат следново:
– Карантинот треба да се примени на попрецизно идентификувани области, како што е одредена зграда или кат во заедница, без да се затвори цела населба или општина.
– Високоризичните области треба да излезат од карантин во рок од пет дена доколку не се откријат нови случаи.
– Училиштата да останат отворени доколку нема зголемување на бројот на заболени.
– Новите насоки вклучуваат и строга забрана за блокирање на противпожарните излези и врати за жителите на високите згради да имаат пристап до итна медицинска помош, но и отворен пат за бегство во случај на несреќа.
Освен релаксирање на мерките, надлежните се обидуваат да ја забрзаат и вакцинацијата на старите лица.