Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со лидерите од Западен Балкан, денес ќе учествува и ќе говори на Самитот за Западен Балкан – Европска Унија во Тирана, Албанија.
Учесниците на Самитот ќе ги пречека премиерот на Албанија Еди Рама, а присуство е најавено на високите европски претставници Шарл Мишел и Фон Дер Лаjен, како и премиерите на Белгија, Луксембург и други европски земји. На Самитот е предвидено земјите од Западен Балкан со ЕУ да потпишат декларација за зајакнување на соработката во повеќе сегменти со што се обезбедува подобри услови и бенефиции за граѓаните од земјите од Западен Балкан.
Премиерот Ковачевски на Самитот во Тирана ќе учествува и на две панел-дискусии на кои фокусот ќе биде европската перспектива на земјите од Западен Балкан, обезбедувањето демократија, мир и слобода, како и тесната соработка помеѓу земјите во заедничкото справување со предизвиците наметнати од економската и енергетската криза.
Во состав на владината делегација предводена од премиерот Ковачевски во Тирана се и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.