Кристијано Роналдо ќе игра за Ал-Наср од 1 јануари 2023 година, пренесува „Марка“. Португалецот ќе потпише договор со клубот од Саудиска Арабија на две и пол години.
Ѕвездата на португалскиот и на светскиот фудбал, ја раскина соработката со Манчестер јунајтед на само неколку дена пред почетокот на Светското првенство во Катар и стана слободен агент за да може преговара со други клубови за нов ангажман.
Роналдо се надеваше дека ќе најде клуб во Европа со кој ќе игра во Лигата на шампионите, но бидејќи тоа не се случи, реши да ја прифати понудата на Ал-Наср, кој му понуди неверојатни финансиски услови.
Тој ќе заработува нешто помалку од 200 милиони евра по сезона и речиси исто толку од реклами, што ќе го направи убедливо најплатен спортист во светот.