Стабилно и зголемено домашно производство на храна со новиот предлог-буџет за земјоделство. Вака претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска го презентираа новиот предлог-буџет на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за 2023 година.
Ковачевски посочи дека следната година секторот земјоделство го има најголемиот буџет за земјоделство со кој се реализира најголемата земјоделска реформа за промена на моделот за субвенционирање и тој преставува основа за понатамошен развој на земјоделството.
Вкупниот предлог-буџет за 2023 за поддршка на земјоделството, во којшто се опфатени сите институции кои учествуваат во развојот на овој сектор, е во износ од 193 милиони евра, што претставува зголемување за 45 милиони евра споредено со 2022. Вака проектираниот, вели Ковачевски, треба да обезбеди сигурност, стабилност и основа за развој на земјоделството, што крајно ќе влијае на вкупниот економски раст.
Најголем дел од средствата се алоцирани во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, каде што има и најголемо зголемување. Во 2023 година Агенцијата ќе располага со 140 милиони евра од кои 114 милиони евра се наменети за исплата на субвенциите и спроведување на најголемата реформа во земјоделството.
Премиерот посочи дека предлог-буџетот за земјоделство за 2023 година е развоен, базиран на мерки за поддршка на земјоделците, антикризни мерки за одржливо и зголемено домашно производство на земјоделски производи и храна во услови на криза, капитални инвестиции и модернизација на земјоделството на среден и на долг рок.