За само десет дена од прикажување, филмот „Кајмак“ по сценарио и во режија на Милчо Манчевски, го видоа 13.000 гледачи низ цела Македонија.
„Кајмак“ наскоро почнува да се прикажува и во странство. Во преговори се повеќе земји, а засега се потврдени: Грција, Данска, Хрватска, Кипар, Србија, Тајван и САД.
По гала премиерата во Македонската филхармонија на 16 ноември, „Кајмак“ почна истовремено да се прикажува низ целата држава: во Гостивар, Пробиштип, Делчево, Кавадарци, Крива Паланка, Куманово, Виница, Крушево, Струмица, Македонска Каменица, Тетово, Дебар, Берово, Неготино, Богданци, Кратово, Радовиш, Струга, Кичево, Охрид, Свети Николе, Прилеп, Штип, Битола, Пехчево, Гевгелија и Скопје. И покрај сите напори на продуцентите и на дистрибутерите, „Кајмак“ не се прикажува во Велес, па велешани одат во Скопје, Штип и Свети Николе да го видат филмот.
„Сакаме секој да има можност да го види филмот во кино. Не е исто дали го гледате на мал или голем екран, сам или во друштво. Покрај тоа, не е само Скопје Македонија“, изјави режисерот Манчевски.
Киноприкажувањето на „Кајмак“ стана настан на сезоната. Во многу градови со „Кајмак“ има кинопроекција првпат по многу години – Пробиштип, Пехчево, Делчево… Со филмот се отвори новото кино во Крушево, а во Свети Николе филмот се прикажува дури во две кина истовремено. Се пробија многу граници за киноприкажување и тоа е особено важно, оти станува збор за македонски филм во време на практично замрена киноприкажувачка дејност во земјата.
Продуцентите организираа гостување на екипата и премиера и во Битола, а во Милениум екипата одржа разговор пред публиката, каде, покрај другите љубители на филмот, имаше и бројни студенти.
Денеска, по повод роденденот на Синеплекс, билетите за „Кајмак“ може да се купат по цена од само 150 денари. Поради големиот интерес, „Кајмак“ ќе се прикажува во 5 термини: од 18 часот, 19 часот, 20:15 часот, 21:15 часот и од 22:30 часот.
Во рецензијата на филмската публикација „Проектор“, дел од порталот „A good movie to watch“ пишува: „Времето ќе покаже пред колкава публика ќе игра „Кајмак“, кој сега го почнува своето меѓународно патување, но непредвидливото сфаќање за кармичката правда на овој филм ќе биде уникатно, трагикомично искуство за секој кој ќе има среќа да го види“
И македонскиот одглас за филмот беше голем, меѓу другите, писателката и критичарка Оливера Ќорвезироска напиша: „Кајмак“ се два триаголника совршено вглавени во квадратот на нашето заробено постоење во заробениот град, во заробената земја. Чудесна геометрија на мајчинството, сексот и безнадежноста за подобро“.
„„Кајмак“ е маестрално остварување“, вели македонскиот новинар Сотир Трајков.
Професорката и актерка Синоличка Трпкова, смета дека „Манчевски на топол и љубовен начин ја размрда македонската транзициска малограѓанштина, лошотилакот и лицемерието. Љубовта нема правила, и во „Кајмак“ тоа вистински звучи, изгледа и се чувствува“
Филмскиот критичар Тони Цифровски во својот осврт за филмот рече: „Дистанцираното набљудување на нечии животи одеднаш ве втурнува во вртлог од емоции и пресврти, а зачудувачка е леснотијата со која отфрлајќи ја наметката на пуританството можеме да се поистоветиме со секој еден машки или женски лик од оваа потрага по љубов“.
„Со „Кајмак“, Манчевски се потврдува како еден од ретките современи уметници во светот, кој страсно ја истражува човековата состојба, ја набљудува со огромен искрен интерес, без судење и фолирање, и ја обликува во парче уметност што трансцендира чиста, невоздржана емоција која допира длабоко“, напиша Марина Костова.
Неодамна, Кајмак имаше светската премиера и три распродадени проекции на Токискиот фестивал. Реакцијата на јапонската публика беше извонредна, а весникот „Џапан тудеј“ го нарече филмот „мрсна сатира“. „Кајмак“ беше прикажан и на Филмскиот фестивал „Златен коњ“ во Тајпеј, Тајван. По двете преполни проекции и едночасовни редици на публиката за автограм од македонскиот режисер, следеа сесии разговори со публиката.
„Кајмак е љубовна приказна за возрасни, црна комедија за две семејства кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот. Филмот е безмилосна критика на малограѓанското лицемерие и апотеоза на индивидуалната слобода.
Филмот е копродукција на четири држави. 53% од буџетот доаѓа од странски извори – од филмските фондови на Данска, Холандија, Хрватска и европскиот фонд Еуримаж. 36% од Македонската агенција за филм. Остатокот од поддршката дојде од Македонската радио-телевизија, која е копродуцент на филмот. Филмот го помогнаа и партнерите: Алкалоид, НЛБ Банка и Виза, Окта, Дајмонд, Витаминка, Тиквеш и бројни други фирми и поединци.
По сценарио и режија на Манчевски, во филмот играат: Александар Микиќ, Сара Климоска, Симона Спировска, Камка Тоциновски, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ, Петар Мирчевски, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ и други. Македонски продуцент на филмот е Банана филм. Продуцира Јане Ќортошев. Продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Англија, директор на фотографија данецот Улрик Боел Бенцен, монтажер Емил Нунинга од Холандија, дизајнер на звукот Херман Пиете, кастинг директор Милка Анчевска, костимограф Жаклина Крстевска, а дизајнер на шминка е италијанската легенда Марио Микисанти. Музиката е на култниот „Дејниш стринг квартет“, а дополнителната музика на Игор Василев-Новоградска.