Денеска во Тирана, претседателот на Собранието, Талат Џафери, присуствуваше на одбележувањето на „Златната годишнина“ на Универзитетскиот колеџ „Ќириази“ на покана на претседателот и ректорот на Универзитетскиот колеџ а по одлуката на нивниот Академски сенат да му ја додели нему највисоката титула на овој универзитет, односно титулата Doctor Honoris Causa.
На одбележувањето присуствуваа истакнати лица од академскиот свет. Оваа титула, како што стои во образложението на одлуката, се доделува на претседателот Џафери за „неговиот особен придонес во официјализирањето на албанскиот јазик, за слободата и правата на Албанците во Северна Македонија, за мудроста и високите интелектуални и државотворни вредности во заштита на националниот идентитет, за неговите душевни врски со иконите на националното образование, Севасти и Параскеви Ќириази и Кристи Дако, кои се историско наследство и продолжение на универзитетскиот колеџ „Ќириази“.
„Ова е посебна емоција, посебна чест да целиот живот се круниса со ваква награда, вакво признание како што е денешново од Универзитетскиот колеџ ‘Ќириази’. Тоа е признание за цела една плејада луѓе кои посветено настојувале да го сочуваат, да го издигнат и надградат нашиот статус, било политички, било општествен, во деловите каде што живееме надвор од просторот на Република Албанија и несомнено дека оваа награда, првенствено се посветува на сите тие мои сопатници со кои заедно сме делувале за да стигнеме таму каде што сме денес, за да можеме да продолжиме понатака кон предизвиците што стојат пред нас“, рече Џафери.
Во рамките на одбележувањето се одржа и историски симпозиум во чест на 131-годишнината од основањето на Институтот „Ќириази“ во Корша и 100-годишнината од повторното отворање во Тирана.