Утрински Весник
Свет

Спасовски и Катинов на демонстрација на заедничка вежба на специјалните антитерористички единици

Спасовски и Катинов на демонстрација на заедничка вежба на специјалните антитерористички единици

Денеска во Охрид се одржа демонстрација на Оперативно-тактичка вежба „Харпун 2022” од страна на припадниците на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ од МВР на Македонија и Специјалниот одред за борба против тероризмот од МВР на Бугарија, во содејство со Одделот за воздухопловни единици при МВР на Република Северна Македонија.

dobivaj vesti na viber

„Харпун 2022“ претставува приказ на решавање на заложничка ситуација предизвикана од терористичка група од вода, копно и воздух.
Ова е втора заедничка демонстрација на вежба од ваков вид за оваа година, а првата се одржа во јуни 2022 година во Софија, појаснуваат од МВР.

Спасовски и Катинов истакнаа дека ваквите заеднички активности треба да станат одржлива практика бидејќи придонесуваат за развој и зајакнување на директни и редовни контакти и продлабочување на практично ориентирана интеракција во борбата против терористичките закани. Ова е особено важно и за двете земји, бидејќи како соседни земји и Република Бугарија и Република Северна Македонија се соочуваат со заеднички безбедносни предизвици и тие бараат заеднички напори, велат од МВР.

„Спасовски и заменик-министерот Катинов остварија и работен ручек на којшто заеднички високо ги оценија односите меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија во областа на внатрешните работи. Двајцата изразија уверување дека активниот и отворен дијалог ќе продолжи и ќе се надградува и во иднина. Тие се обединија околу потребата од проширување на професионалните контакти за сите прашања од заеднички интерес“, се наведува во соопштението.

Во разговор со министерот Спасовски, заменик-министерот Катинов истакна дека е потребна уште поактивна и поефикасна соработка меѓу двете земји во сите области на соработка, како што се безбедноста на границите, борбата против различните форми на прекуграничен организиран криминал, борбата против тероризмот и за други прашања од заеднички интерес.

Спасовски истакна дека должноста, како челници на Министерствата за внатрешни работи на двете земји, не е само да го одржуваат постојното ниво, туку уште повеќе да придонесат како во развојот на професионалното достоинство и интегритетот на полициите на двете земји, така и во нивната модернизација, материјално-техничкото опремување и надградба, да ги следат новите трендови и барања што таа специфична полициска служба ги наметнува како неопходни за успешно и непречено функционирање.

Тој нагласи дека денешната вежба „Харпун 2022“ е уште еден показател за покажување на проактивност и посветеност во борбата против тероризмот, заедно со партнерите од Бугарија, како уште една добра порака на пријателство, соработка и партнерство.

Можете да прочитате

Десничарските популисти стануваат „нова нормалност“ во европската политика

Ким: Русија има право на самоодбрана

Предвремени парламентарни избори на Исланд