Американскиот претседател Џо Бајден, денеска, на климатската конференција на ОН – COP 27 – изјави дека глобалната климатска криза е егзистенцијална закана за планетата и вети дека САД ќе го направат својот дел во борбата против овој феномен.
Климатската криза се однесува на безбедноста на човештвото, економската безбедност, безбедноста во однос на животната средина и самиот начин на живеење на оваа планета, рече Бајден, лидерот на земјата која е втора во светот по емисии на штетни гасови.
Тој нагласи дека „САД ќе ги исполнат своите цели за емисиите на гас до 2030 година“.
Во својот говор Бајден ги потсети претставниците на земјите од целиот свет на средбата во Шарм ел Шеик дека сѐ уште се потребни напори за да се постигне целта глобалното затоплување да се одржи на ниво од 1,5 Целзиусов степен и покрај војната во Европа и високите инфлација.
„И покрај овие фактори, сега е поважно од кога било да ги удвоиме нашите напори кога станува збор за климата. Војната што ја води Русија само ја зајакнува итноста на светската транзиција и одвојување од зависноста од фосилните горива“, рече американскиот претседател.
Тој рече дека САД, ЕУ и Германија ќе придонесат со 500 милиони долари за финансирање на транзицијата на Египет кон чиста енергија и вети 150 милиони долари во име на Америка за да ѝ помогне на Африка да се приспособи на климатските промени.