Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека се направени сите потребни проверки во врска со денешните пријави дека четири училишта на територија на Скопје добиле порака на електронската адреса со закана за поставена експлозивна направа и утврдено е дека станува збор за лажни пријави.
„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, информираа од МВР.
Дел од скопските училишта и денес пријавиле закани за бомби.
Ова е трета недела со закани за бомби во скопските средни училишта. Сите досегашни закани полицијата утврди дека се лажни.
Министерот за внатрешно работи Оливер Спасовски и премиерот Димитар Ковачевски во неколку наврати изјавија дека заканите за бомби во скопските училишта се дел од хибридни напади кои имаат цел да внесат вознемиреност во државата, а мета се учениците како категорија за која општеството е најчувствително.
Министерот Спасовски за бомбите изјави дека веќе имаат добри сознанија од каде доаѓаат пораките на е-пошта и на кој начин се испраќаат и најави дека ќе им треба меѓународна правна помош за да ги потврдат доказите.
Министерството за образование, пак, им наложи на директорите на училиштата во кои има закани за бомби да најдат начин до крајот на првото полугодие да ги одработат изгубените часови.