Фудбалската јавност во Србија стравува дека напаѓачите Александар Митровиќ и Душан Влаховиќ нема да бидат подготвени за натпреварот против Бразил, на Светското првенство во Катар. Бразил и Србија ќе ги отворат натпреварите во Г-групата на 24 ноември.
„Политика“ тврди дека Драган Стојковиќ, селекторот на Србија, своите најдобри напаѓачи ќе ги чува за натпреварите со Швајцарија и Камерун, во кои ќе бара бодови за пласман во нокаут-фазата.
„Иако има уште десет дена до Светското првенство во Катар, напаѓачот на Фулам и рекордер по бројот на голови за националниот тим сè уште е на патерици“, пишува „Политика“.
Речиси сигурно е дека Митрогол ќе го пропушти мечот против Бразил, бидејќи повредата ја влече од 24 септември, кога се здоби со тешка повреда против Шведска во Лигата на нации.
Иако се чинеше дека повредата не е сериозна, по деталните лекарски прегледи беше откриено дека напаѓачот на Фулам има скршени две коски на стапалото што му прави сериозен проблем.
Митровиќ моментално се наоѓа во Белград, каде лекарскиот тим прави се напаѓачот што поскоро да му биде достапен на селекторот Стојковиќ.
Се верува дека ќе биде подготвен за натпреварите со Камерун (28 ноември) и Швајцарија (2 декември).
Според овој извор, малку подобра е ситуацијата со Влаховиќ. Неговата повреда, со која се здоби против Бенфика во Лигата на шампионите, на 25 октомври, бара мирување, поради што и тој е под знак прашалник за натпреварот против Бразил.
Влаховиќ има воспаление на тетивата и нема да биде вечерва со тимот на Јувентус против Верона.