Доколку поминувате малку повеќе време на интернет после работа, веројатно сте виделе видео на кое зборува Дилан Мулвејни или на кое се зборува за Дилан Мулвејни, новата трансродова ѕвезда од САД.
Дилан е поранешна актерка од „Бродвеј“ која пред целиот свет на „Тик-ток“, како што вели, се трансформира во жена. Во последниве месеци Дилан е една од најпознатите трансродови личности во светот, а американските медиуми почнаа да пишуваат за неа по интервјуто со претседателот Џо Бајден.
Бајден разговараше со Дилан за правата на трансродовите луѓе, а во тоа интервју тој призна дека го следи серијалот за транзицијата што Дилан ја снима за „Тик-ток“.
Транзицијата започна по пандемијата.
Дилан е дефинитивно ѕвезда на „Тик-ток“ со девет милиони следачи, а целиот нејзин профил е посветен на борбата за правата на трансродовите луѓе.
На само 25 години, таа постигна низа успеси и стана пејачка, актерка, танчерка, комичар, овластен инструктор по јога, рехабилитација на диви животни и гостинка во Бродвејскиот мјузикл „Книгата на Мормон“.
Откако започна пандемијата, Дилан ја загуби работата на „Бродвеј“ и се врати дома кај своите родители, а потоа, како што истакна во едно интервју, почна да го преиспитува својот идентитет.
Процесот на транзиција започна пред помалку од една година, а нејзините фанови на „Тик-ток“ (а како што тврди таа, и Џо Бајден) деновиве го следат 236. ден од нејзината транзиција во жена.
Сепак, не сите се воодушевени од изгледот на Дилан Мулвејни. Американските десничари и радикалните конзервативци како Бен Шапиро со денови објавуваат видеа во кои го критикуваат американскиот претседател дека ѝ дал интервју на трансродовата ѕвезда на „Тик-ток“.