Андреј Келин, рускиот амбасадор во Велика Британија, денеска за Sky News изјави дека Русија нема да користи нуклеарно оружје во војната во Украина.
„Нема победник во нуклеарна војна и никогаш не треба да се води. Ние цврсто стоиме на таа изјава“, рече Келин.
Интервјуто на Келин дојде кога Москва го повика британскиот амбасадор на разговори поради руските тврдења дека членови на британската морнарица биле вмешани во неодамнешниот голем напад со беспилотни летала врз руската Црноморска флота во близина на Крим.
На прашањето дали има докази за британска вмешаност во нападот, Келин рече: „Совршено знаеме дека британски специјалисти учествувале во обуката, подготовката и извршувањето на насилен напад против руската инфраструктура и руската флота во Црното Море.”
На прашањето дали Москва може да користи нуклеарно оружје во војната во Украина, рускиот амбасадор одговори: „Не. Го уверуваме светот дека Русија нема да користи тактичко нуклеарно оружје во конфликтот во Украина“, пренесе Индекс.хр.