Министерството за култура го реновираше Центарот за култура „Ацо Шопов“ од Штип и досега се исплатени речиси над еден милион денари за санација на ентериерот – истакна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска при денешниот увид на активностите на националните установи од областа на културата во Штип.
– Сите проекти што се предвидени во програмите на националните установи во Штип се реализираат тековно, а од огромна важност е што има проекти и инвестиции и со вонбуџетски средства, со што се демонстрира висок степен на домаќинско работење и менаџерски однос – рече Костадиновска-Стојчевска при денешната посета на Центарот за култура „Ацо Шопов“, како и на Националната установа Завод и музеј – Штип.
Од почетокот на годината се реализирани 122 активности и манифестации од сите дејности од културата, а институцијата остварила и заштеда на електрична енергија од 32 процента во споредба со истиот период минатата година, што е особено важно во време на сериозна енергетска криза. За проектот молерисување на дел од простории, одобрени се средства во износ од 140.000,00 денари. Проектот е реализиран и е извршена исплата на средства во износ од 139.594,00 денари, а се поставени ламинат, ПВЦ подна подлога и винилни плочи со монтажа во вредност од 448.383,00 денари. Набавена е и светлосна и тонска опрема во вредност од 324.500,00 денари – информираше директорот на Центарот за култура од Штип, Горан Трајков.
Тој додаде дека Центарот за култура „Ацо Шопов“ – Штип со сопствени средства, пак, набави клима-уреди, а изврши и комплетна реставрација на фоајето во објектот на институцијата со што се доби современ уметнички простор – „Галерија`22“. Направена е реконструкција на малата сала во установата и други интервенции, а со донација се реконструираше и Спомен-собата на Ацо Шопов.
Исто така, обезбеден е грант-проект за „МЛАДИ ХАБ“ во вредност од 30 000 евра, а се склучени и меморандуми за соработка со неколку домашни установи, но и со Хрватскиот народен театар од Вараждин.
Костадиновска-Стојчевска при посетата на Заводот и музеј – Штип го истакна значењето на проектот за конзервација и реставрација на владетелската палата на археолошкиот локалитет Градиште (Билазора), с. Кнеже, Св. Николе, што го реализира оваа установа.