Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, преку видео обраќање учествуваше на 8-та Истанбулска конференција за безбедност, во организација на Турско-азискиот центар за стратегиски студии, а на тема „Пост-безбедносни дилеми, интеграции, модели и Азија“.
„Денес сме соочени со можеби најсериозниот безбедносен предизвик по завршувањето на Втората светска војна. Отворената агресија на Русија врз Украина и промената на границите во четирите региони на Украина претставува опасен преседан, кој може до непредвидливи граници да ги заостри односите помеѓу државите и да ги разгори и така силните воени дејствија, во кои на крајот, најмногу страдаат недолжни цивили“ порача меѓудругото минситерот Спасовски.
Северна Македонија во изминатите неколку години помина низ многу значајни процеси кои резултираа со членство во НАТО и со почеток на преговорите за членство во Европската унија. Како резултат на мудрата и предвидлива политика, беа решени децениски спорови со соседите, кои македонското општество го оставија настрана од регионалните и светските интеграции, иако геополитичките случувања и безбедносни предизвици никогаш не ја заобиколија нашата држава. Токму сега, во време на сериозна нестабилност на истокот на Европа, можеме целосно да ги почувствуваме придобивките од членството во НАТО и што реално значи да се биде дел од најмоќниот воен и политички сојуз во светот. Нашите граници се безбедни, а заедно со нашите партнери и пријатели ги бараме најдобрите можни решенија за секој безбедносен предизвик, па дури и за енергетската криза и недостигот на ресурси, рече Спасовски.
Тој укажа на неколку значајни безбедносни предизвици со кои се соочуваме како држава, но и како регион во целина.
„Миграциите, особено нелегалните миграции, сѐ уште се актуелна тема, со која на дневна основа се соочуваат полициските служби во регионот и во Европа. Колку и да е контролирана т.н. Балканска рута, низ неа се регистрирани бројни мрежи на организирани криминални групи кои ги користат сите можности за да се стекнат со извонредно големи суми на пари заработени на криминален начин. Мораме да продолжиме како одговорни институции да го градиме капацитетот за одговор на овој сериозен криминал“ рече тој.