Претседателот на Соединетите Американски Држави Џо Бајден се обрати до нацијата и предупреди дека американската демократија е нападната од предизвикувачи на изборите кои се натпреваруваат за позиции на сите нивоа.
За време на обраќањето, Бајден се осврна и на нападот врз домот на претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси, во кој беше повреден нејзиниот сопруг кој беше дома.
„Во ранецот имал пластични лисици, селотејп, јаже и чекан. На полицијата и кажал дека дошол да ја бара Ненси Пелоси, да ја киднапира и испрашува, да и се заканува дека ќе и ги скрши колената“, рече Бајден.
Тој нагласи дека Пелоси е трет највисок функционер на Соединетите Американски Држави.
„Ова заплашување, ова насилство врз демократите, републиканците и непартиските функционери кои само си ја вршат работата, е резултат на лаги кажани за моќ и профит, лаги на заговор и злоба, лаги кои постојано се повторуваат за да се создаде циклус на бес и омраза, па дури и насилство“, рече Бајден.
Тој посочи дека САД мора да се соочат со вистината, бидејќи од неа зависи иднината на американската нација.
„Американската демократија е нападната затоа што поразениот поранешен претседател на Соединетите Американски Држави одби да ги прифати резултатите од изборите во 2020 година“, рече Бајден и додаде дека поранешниот американски претседател одбива да ја прифати волјата на народот и фактот дека изгубил.
Минатонеделната рација во домот на Пелоси и нападот врз нејзиниот сопруг, кој беше дома, Бајден го спореди со напад на Капитол.
„Напаѓачот влегол во куќата прашувајќи: “Каде е Ненси? Каде е Ненси?” Тоа беа истите зборови што толпата ги употреби кога упадна во американскиот Капитол на 6 јануари. Ние не ги решаваме нашите разлики во Америка со бунт, толпа, куршум или чекан. Ги решаваме мирно на гласачката кутија. Многу нешта се на коцка на овие избори но во прашање е нешто друго: самата демократија“, рече Бајден.