Закажаниот пријателски натпревар меѓу репрезентациите на Босна и Херцеговина и Русија и официјално е откажан, потврдија од Фудбалскиот сојуз на Босна и Херцеговина.
„Закажаниот пријателски натпревар меѓу репрезентациите на Босна и Херцеговина и Русија, кој требаше да се одигра на 19. ноември во Санкт Петербург, нема да се одигра во тој термин. На денешната седница на Извршниот одбор на Фудбалскиот сојуз на Босна и Херцеговина, натпреварот кој беше планиран за 19. ноември е одложен,а претседателот Вицо Жељковиќ констатира дека одигрувањето на овој пријателски натпревар ќе биде пролонгиран за некој нареден период“, соопштија од Фудбалскиот сојуз на БиХ.
Да потсетиме, неколку фудбалери на БиХ, предводени од најголемите ѕвезди Един Џеко и Миралем Пјаниќ, се побунија против одигрувањето на пријателскиот натпревар со репрезентацијата која беше исфрлена од сите натпреварувања поради агресија кон Украина.
Босна и Херцеговина наместо со Русија би можела да одигра пријателски натпревар со Мароко.