Премиерот Димитар Ковачевски, на денешната прес-конференција во своето обраќање ги образложи новите одлуки од денешната владина седница, со кои им се овозможува на компаниите што произведуваат основни прехранбени производи, основните и средни јавни училишта, јавните претпријатија за водоснабдување и одведување на отпадни води, да склучат договор со ЕСМ Продажба и да имаат поевтина струја.
“Ќе обезбедиме поевтина струја од 80 евра по мегават/час за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи. Владината одлука се однесува на компаниите кои што произведуваат основни прехранбени производи во кои спаѓаат производителите на масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месната и живинарската индустрија.Со овие мерки компаниите, производителите на основни прехранбени производи ќе имаат предвидливост, стабилна и поевтина струја, што крајно ќе влијае и врз стабилизирање на цените на финалните производи кои се произведуваат и се продаваат од овие компании”, изјави Ковачевски.
Тој додаде дека во оваа тешка криза им помагаме и на основните и на средните јавни училишта. За да имаат непречено и сигурно снабдување со евтина струја основните и средните јавни училишта при прогласена кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија може да склучат договор за снабдување со ЕСМ Продажба, по цена од 95 евра по мегават/час. Нѐ очекува најтешката зима после Втората светска војна, сите заедно регионот и Европскиот континент сме исправени пред овој предизвик и само взаемно полесно ќе излеземе од кризата.
“Струјата ќе продолжиме да ја субвенционираме со 80% за над 600.000 домаќинства и 72.000 мали потрошувачи фирми кои вработуваат 98% од вработените во државата. Се грижиме за најранливите и понатаму, и 42.000 граѓани од најранливи категории, како што соопштивме со мерките ќе добиваат директна финансиска помош. Исто како и 330.000 пензионери кои покрај зголемените пензии ќе добијат 3.000 односно 6.000 денари поддршка оваа зима согласно последниот пакет антикризни мерки”, изјави Ковачевски.
Тој додаде дека напорната работа носи резултати, и јас верувам дека ова криза ќе не направи посилни, по обединети, вредни, рационални и најважно заеднички се бориме за европската иднина на сите нас.