Според извори на „Форин полиси“, припадниците на командосите единица на авганистанската армија, кои биле обучени од американски и британски специјални сили, се контактирани од Русија и им се нуди да се приклучат на руската армија и да се борат во Украина.
Неколку авганистански воени и безбедносни извори за „Форин Полиси“ изјавија дека испраќањето командоси во Русија може да има значително влијание на линијата на фронтот. Кога западните сили го напуштија Авганистан минатата година, зад себе оставија околу 20-30 илјади доброволци командоси.
Само мал број беа евакуирани кога талибанците ја презедоа контролата врз Авганистан, а некои побегнаа во соседните земји за да избегнат да бидат заробени и егзекутирани од талибанците. Многу од овие командоси сега се без работа, а некои сè уште чекаат да им биде обезбедено сместување во Велика Британија или во САД.
Безбедносни извори во Авганистан изјавија за „Форин Полиси“ (Foreign Policy) дека тоа може да ги направи лесни мети за руските регрути.
„ Немаат земја, немаат работа, немаат иднина. Немаат што да загубат“, изјавил еден извор.
Некои извори сугерираат дека околу 10.000 поранешни командоси би можеле да ја прифатат руската понуда, која обично доаѓа преку апликации како Вацап и Сигнал.