Освојувачот на 22 Грен слем титули Рафаел Надал, започнал со подготовките за Мастерсот во Париз, а потоа и завршниот Мастерс што ќе се игра во Торино, потврди неговиот тренер Карлос Моја.
Турнирот во француската престолнина започнува на 31. октомври. Моја учеството на Надал го потврди за шпанскиот „ИБ 3“.
Надал моментално е на втората позиција на АТП листата зад сонародникот Карлос Алкараз, а последен официјален меч му беше во осминафиналето на Ју-ес опен, кога беше поразен од Френсис Тиафо.
Надал неодамна стана татко, а во меѓувреме настапи и на Лејвер купот, кога играше во пар со Роџер Федерер на прошталниот меч на славниот Швајцарец.
Тенисерот од Мајорка ги освои Австралија опен и Ролан Гарос во 2022 година.
Интересно, Надал никогаш во кариерата не победил на Мастерсот во Париз и завршниот Мастерс во сезоната.