Националната опера и балет, најавува двојна изведба на еден од бисерите на балетската уметност, раскошната балетска класика „Рајмонда“ од Александар Глазунов која ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 29 октомври и на 1 ноември со почеток во 20.00 часот. Безвременски балет кој е израз на целосната убавина на класичниот танц.
Диригент на претставата е Бисера Чадловска, кореограф е Виктор Јаременко од Украина. Прекрасните костими и спектакуларната сценографија се на гостите од Украина, Гана Ипатиева и Андреј Злобин.
Во главните улоги ќе настапат: Марија Кичевска Шокаровска, Мими Поп Алексова Атанасовска, Балаж Лочеи (Унгарија), Франциско Хименес Руиз (Шпанија), Абдурахман: Васил Чичиашвили (Грузија).
Настапуваат првенците, солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
„Рајмонда“ е балет во два чина. Светската премиера е одржана во Маринскиот театар во Санкт Петербург, во јануари, 1898 година. Либретото за балетот „Рајмонда“ е базирано на типичната драматургија која го обележува времето на Романтизмот. Во драмите (приказните) на овој уметнички правец доминираат темите за јунаштвото, благородништвото, љубовта, достоинството и честа.