Челниците на фудбалскиот клуб Јувентус се обвинети за измама и би можеле да се соочат со судење за наводно фалсификување финансиски извештаи, објавија италијанските медиуми.
Главната обвинителка на Торино, Ана Марија Лорето, испратила барање претседателот на Јувентус, Андреа Ањели да биде во домашен притвор, но тој предлог бил одбиен.
Под истрага се вкупно 16 вработени во италијанскиот гигант, а освен Ањели, за учество во криминални активности се осомничени и потпретседателот Павел Недвед, извршниот директор Маурицио Аривабене и поранешниот спортски директор Фабио Паратичи, кој сега работи во Тотенхем.
Јувентус е обвинет дека на сомнителен начин добивал приходи во 2018, 2019 и 2020 година. Меѓу другото, обвинителството наводно има докази дека играчите на „старата дама“, не се откажале од дел од приходите за време на пандемијата на корона вирусот, а клубот извести дека им ги скратил платите на фудбалерите.
Како што објави „La Stampa“, фудбалерот на Манчестер јунајтед, Кристијано Роналдо, кој играше за Јувентус од 2018 до 2021 година, одбил да се појави на сослушување и покрај барањето на обвинителството.