Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денеска оствари средба со заменичката на претседателот на Владата и министерка за надворешни работи на Република Словенија, Тања Фајон, која престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.
Разговорот помеѓу двајцата потпретседатели, беше насочен кон пристапните преговори со Европската Унија на Северна Македонија за кои министерката Фајон на самиот почеток на состанокот ги поздрави и изрази поддршка, како и кон моменталната енергетска криза и справувањето со истата.
Вицепремиерот Битиќи се заблагодари за целата поддршка која Словенија, но и министерката Фајон ја дава за нашата земја на нашиот пат кон ЕУ интеграција.
Двајцата потпретседатели зборуваа за развојот на регионалната соработка преку инвестиции и зголемување на конкурентноста. Вицепремиерот Битиќи ја потврди важноста на словенечките компании кои инвестираат во нашата земја и кои носат додадена вредност на нашата економија.
Министерката Фајон ја потврди добрата соработка и пријателство кое двете земји традиционално го имаат и развиваат, што се потврдува со веќе 30 годишнината од воспоставувањето на билатерални односи помеѓу двете земји.
Министерката ја потврди и заложбата на Европската комисија за поддршка на земјите од Западен Балкан за излез од енергетската криза, со позитивен став дека Комисијата ќе донесе позитивна одлука за финансиска поддршка.