Ако сте тип на личност која секогаш заборава да ги полни своите безжични слушалки, помошта можеби е конечно на дофат.
Светските медиуми објавија дека првите комерцијално достапни слушалки, кои користат сончева енергија за полнење на батеријата, сега се во продажба. Моделите на шведската фирма „Урбаниста“ и германскиот спортски гигант „Адидас“ имаат соларни панели вградени во лентите за глава.
Кај двата модели, флексибилните панели се направени од друга шведска компанија, Exeger, која ја помина изминатата деценија работејќи да ги направи лесни, тенки и доволно моќни.
Шефот на Exeger, Џовани Фили, вели дека тоа е и прашање на погодност и што е уште поважно, да се направи вистинската работа за животната средина.
„Полнење – сите го мразат“, вели тој. „Но, секогаш кога не полните (користејќи електрична струја) тоа е добра работа за светот.“
„Новата генерација млади возрасни очекува да им бидат понудени алатки за да направат добро за животната средина, и тоа е она што ние го нудиме,“ објасни Фили.
Соларните панели на Exeger се наречени Powerfoyle и се дебели само 2 мм. Технологијата се заснова на ленти од титаниум диоксид покриени со природна боја. Едноставно кажано, бојата апсорбира фотони од светлината, кои потоа се претвораат во електрони.