Двете девојки, кои полицијата ги приведе откако истурија супа врз сликата „Сончогледи“ на Ван Гог, негираат дека предизвикале штета со намерно казниво дејствие.
Во петокот во Националната галерија во Лондон, двете еко-активистки фрлија лименки супа од домати врз ремек-делото на холандскиот сликар.
Ана Холанд (20) од Њукасл и Фиби Пламер (21) од Ламбет, југозападен Лондон, се појавија во Судот на Вестминстер во сааботата и се изјаснија за невини за кривично дело нанесување штета.
Холанд и Пламер се појавија во судот само за да ги потврдат своите имиња, датумите на раѓање, адресите и да се изјаснат по обвиненијата за казнива штета во вредност помала од 5.000 фунти.
Окружниот судија Тан Иркам ги ослободи двете со кауција под услов да не влегуваат во галерии или музеи и да не носат боја или лепливи материи на јавни места.
Обвинителката Ола Оједепо рече дека двете истуриле портокаловата материја знаејќи дека има заштитно стакло над вистинската слика, иако била предизвикана штета на рамката.
Таа додаде дека вредноста на штетата е под прагот на казнива штета од 5.000 фунти.
Нивното судење е закажано за 13 декември во лондонскиот суд за прекршоци.
Националната галерија на Лондон потврди дека ремек-делото насликано во 1888 година сега е повторно на своето место.
На снимките што протекоа во јавност викендов се гледа како двете климатски активистки во маички со натпис Just Stop Oil отвораат лименки и ја фрлаат содржината на ремек-делото пред да ги залепат рацете за ѕидот.
Галеријата соопшти дека сликата била покриена со стакло и затоа не е оштетена. „Има мали оштетувања на рамката, но сликата не е оштетена.“
Во Националната галерија има над 2.300 уметнички дела.