Понудата на културни настани промовирани од Амбасадата на Италија во Скопје по повод XXII издание на Неделата на италијанскиот јазик во светот (17-21 октомври), оваа година посветена на италијанскиот јазик што го зборуваат младите, е особено богата и со висок квалитет и е насловена „Како извини? Не те фоловам“.
Настаните ќе бидат на различни теми, од стрип до кино, од книжевна критика до уметност.
Всушност, Неделата на италијанскиот јазик во светот веќе ја промовираа два настана кои се случија на почеток на месецот: Comic’s Day / Ден на италијанскиот стрип организиран како дел од Филмскиот фестивал Џифони, кој се случи на 6 октомври, со учество на авторите на култниот италијански стрип Дилан Дог, Алесандро Билота и Серџо Џерази, како и разговор со писателката Надја Теранова – поранешна финалистка на наградата Стрега – одржан на 5 октомври, како дел од меѓународниот саем на книгата Букстар.
В понеделник, 17 октомври, ќе биде официјалното отворање на Неделата на италијанскиот јазик во светот со онлајн семинар на тема „Поимот за јазик на младите во денешницата: лексички фонд, граматика, стратегии“ мешавина од социолингвистика и дидактички размисли“ од познатиот лингвист, проф. Паоло Балбони, доцент на универзитетот Ка Фоскари од Венеција и стручњак по методика на настава по јазик, како и почесен професор по методика на предавање.
Понатаму, во вторник, на 18 октомври, проф. Имер Алили ќе зборува за впечатоците од неговиот превод „Прва лекција по граматика“ од Лука Серијани.
В среда, на 19, во Кинотеката ќе се одржи проекцијата на филмот Атлас, италијанско-швајцарско-белгиска копродукција, во режија на Николо Кастели, награден на филмскиот фестивал во Локарно како најдобар режисер во подем. Улогите ги толкуваат, меѓу другите, и Матилда Де Анџелис и Нери Маркоре.
Здружението на професори по италијански јазик во земјата ќе организира и меѓуучилиштен натпревар во онлајн квизот Кахут! (Kahoot!) за ученици од основните училишта, со наслов „КАЖИ ГО СО ЕМОТИКОНИI! “, а церемонија на доделување на наградите ќе се одржи на 20 октомври заедно со изложба на дигитални постери за употребата на емотиконите. Ќе се одржи и изложба на средношколски стрипови, како и проекција на видеа насловена „ВАТСАПНИ МЕI!“, обете изработени од средношколци.
В четврток, 20 октомври, во Музејот на современа уметност во Скопје – во кој од 8 до 26 октомври ќе биде поставена изложбата Современи екосистеми, ленд-арт проект за стимулирање на јавната свест за важноста на локалното природно наследство – Министерката за култура на Северна Македонија Бисера Костадиновска-Стојчевска и Амбасадорот на Италија Андреа Силвестри ќе ја потпишат Петтата извршна програма за соработка во областа на образованието, културата и науката меѓу Италија и Северна Македонија.
В петок, на 21, ќе се одржи интеркултурен настан за студентите на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, насловен „Младите и Италија – инспирација за многу приказни“.
За крај, на 25 октомври, проф. Лоренцо Ковери, редовен професор на Универзитетот во Џенова и академик на институцијата специјализирана во лингвистика и филологија на италијанскиот јазик, Академија Дела Круска, ќе одржи онлајн семинар „Италијанскиот јазик на младите“.
Како и секоја година, всушност, Академијата Дела Круска подготви едно издание на темата на Неделата на италијанскиот јазик во светот (SLIM 2022), „Италијанскиот јазик и младите“, која може да се преземе бесплатно помеѓу 17 и 23 октомври (почнувајќи од 24 октомври истото ќе биде достапно само со доплата) преку линкот што ќе биде објавен на веб-страницата на Амбасадата на Италија.
Спектарот на настани е наменет за сите љубители на италијанскиот јазик и култура. Сите информации во врска со поединечните настани може да се најдат во деталната програма објавена на официјалната веб-страница и на фејсбук-страницата на Амбасадата на Италија.