Неисполнетите ветувања на првиот човек на ПСЖ се главната причина поради која Килијан Мбапе решил да го напушти клубот, пишува шпанскиот спортски весник „Марка“.
„Клупските челници не го направија она што го ветија кога го обновија договорот со Мбапе, кој стана најплатениот фудбалер во светот. Првото ветување беше дека Мбапе ќе стане неприкосновен спортски лидер на проектот, а тоа требаше да го имплицира заминувањето на Нејмар од ПСЖ“, пишува весникот.
„Марка“, потсетува дека Мбапе во мај го продолжил договорот со парижаните, а за да остане во францускиот клуб биле мобилизирани сите национални ресурси, вклучувајќи го и претседателот на Франција, Емануел Макрон.
„Продолжувањето на договорот со Мбапе беше гордост за целата земја. Мбапе беше консултиран при изборот на Луис Кампос за спортски директор, челниците на клубот побараа од него одобрение да го назначат тренерот Кристоф Галтие, а пред се го уверија дека Нејмар, неговиот голем ривал, нема долго да остане во клуб и покрај тоа што има договор до 2026 година“.
Раководството на ПСЖ не можеше да се ослободи од Нејмар и покрај тоа што во текот на летото го нудеше на клубови ширум Европа, но пречка беше високата плата од 30 милиони евра.
Мбапе пристигна во ПСЖ во јули 2017 година од Монако, првично на позајмица, а следната сезона парискиот клуб го откупи неговиот договор за вкупно 180 милиони евра.
Во мај оваа година тој го продолжи договорот до 2024 година, иако се чинеше дека кариерата ќе ја продолжи во Реал Мадрид. Досега има 229 настапи во дресот на ПСЖ и постигна 182 гола, што го прави втор стрелец во историјата на клубот. Пред него е Уругваецот Единсон Кавани со 200 гола.