Утрински Весник
Политички Партии

ВМРО-ДПМНЕ: Владата и Ковачевски да ги прифатат петте предлог мерки на ВМРО-ДПМНЕ за излез од економската и енергетската криза

ВМРО-ДПМНЕ: Владата и Ковачевски да ги прифатат петте предлог мерки на ВМРО-ДПМНЕ за излез од економската и енергетската криза

Енергетската и економска криза се сериозна закана за стандардот и квалитет на живот на граѓаните, но и за опстанок на стопанството и економијата. Додека народот е гладен и сиромашен, од Ковачевски и СДС слушаме само демагогии, а не конкретни мерки и чекори. Секој ден губење значи само продлабочување на енергетската, економската и социјална криза. Ковачевски и власта мора да ја сфатат сериозноста на ситуацијата во која ја донесоа државата и граѓаните, и во склад со тоа навремено и со конкретни мерки да работат на решавање на истите, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

dobivaj vesti na viber

ВМРО-ДПМНЕ предлага излез од кризите преку 5 конкретни мерки и тоа:

1.Предлагаме ноќните вишоци и вишоците на произведена струја од ЕЛЕМ во текот на викендите да се понуди на домашното стопанство, наместо како до сега што ги продаваше власта преку матни и криминални зделки на трговци.

2.Владата да покрие половина од разликата меѓу цената на струјата која ја плаќаат компаниите и цената на регулираниот пазар. Со овој начин ќе се спасат илјадници работни места кои висат заради неликвидност на компаниите. Доколку власта го прифати ова илјадници граѓани наместо на улица ќе продолжат да работат и да егзистираат.

3.Веднаш да се воведе викенд без ДДВ за основните прехранбени производи за граѓаните. Прехранбените производи поради ненавремената реакција и незаинтересираноста на власта се покачија од 50 до 100%, а според информациите кои се пласираат во медиумите, цената на истите допрва ќе расте. Преку оваа мерка ќе се заштити стандардот на граѓаните.

4. Откажување од воведувањето на скалесто оданочување кое го планира власта, со што ќе им се помогне и на граѓаните и на компаниите.

5. И како последна предлог мерка, да се обезбедат повеќе свежи пари за стопанството преку дестерилизација на благајничките записи во Народна Банка. Со ова ќе се помогне да се зачуваат многу работни места и нема да се дозволи затворање на фирми. Само за една година во државата се затворени 12.000 компании што е поразителен факт не само за власта, туку и за македонската економија.

ВМРО-ДПМНЕ предлага конкретни и издржани мерки кои ќе значат пребродување на економската и енергетската криза. Затоа Владата да се надмине себеси и веднаш да ги прифати предлог мерките на ВМРО-ДПМНЕ за доброто на сите граѓани и стопанството, се вели во соопштението.

Можете да прочитате

Митева: Денешната оставка на Ковачевски е почеток на крајот за СДС и ДУИ

Jana

СДСМ: ДПМНЕ е осамено на проруската агенда, против ЕУ и без коалициски партнери

Jana

Најголемата ИТ компанија во Македонија се ребрендира: Сеавус е сега Киншифт