НАТО Алијансата е одбранбена Алијанса која е цврсто одлучна и обединета во нејзината основна цел – одвраќање на сите потенцијални непријателски активности и одбрана на секоја педа НАТО територија, е заклучокот од денешната прва сесија на министрите за одбрана на сојузничките земји, која се одржува во рамките на состаноците на Северноатлантскиот совет.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска на оваа сесија посочи дека Северна Македонија останува одлучна во својот придонес кон заедничките цели на сојузниците, за што континуирано вложува во развојот на своите капацитети и модернизацијата и опремувањето на Армијата.
„Одлуката на Самитот во Мадрид го постави патот по кој ќе се движиме. Она што мораме сега да го направиме е брзо и ефикасно да ги исполнуваме нашите обврски и да инвестираме во развој на капацитетите кои ни се потребни“, рече министерката Петровска.
На втората сесија на Северноатлантскиот совет на која присуствуваше и Жосеп Борел, високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, а беше посветена на мисиите и операциите, министерката Петровска посочи дека Северна Македонија како НАТО-членка е сериозно посветена на зацврстувањето на регионалната безбедност, факт кој може да се види и преку учеството на припадниците на Армијата во мисијата на НАТО на Косово, како и мисијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина.
Петровска пред колегите од НАТО порача дека е потребно да се забрза процесот на евроинтеграции врз база на исплонети критериуми и постигнати резултати. Петровска додаде дека започнувањето на преговори на Северна Македонија и Албанија за членство во Унијата е добар знак и придонесува кон стабилноста и развојот на Западниот Балкан. Таа го поздрави и вчерашното доделување на кандидатски статус на Босна и Херцеговина.