Претседателот на Јувентус, Андреа Ањели во ретка изјава за италијанските медиуми призна дека му е срам по 2:0 поразот од Макаби Хаифа и понуди извинување до навивачите, но потврди дека Масимилијано Алегри останува тренер на „бјанконерите“.
Иако на многу фанови на Јуве им е преку глава од катастрофалната сезона во која се на последното место во својата група во Лигата на шампионите и само на осмото место во Италија, и повеќе пати преку социјалните мрежи имаше повици Алегри да добие отказ. Ањели, неочекувано, се појави на „Скај спорт Италија“ по поразот од Макаби за да ја разјасни ситуацијата.
„Ова е тешка вечер во тежок период за нас. Можеби најтешкиот период и сега е време да се преземе одговорност и затоа сум тука. Срам ми е од тоа што се случува, исто така сум лут, но знам дека фудбалот го играат 11 луѓе со кои победуваш, но и губиш. Во ваква ситуација вината не е кај еден човек. Срам ни е, се извинуваме на нашите фанови, бидејќи знаеме дека и тие се срамат. Алегри е тренер на Јувентус и ќе остане тренер на Јувентус. Не може да биде вина на тренерот ако не добиете ниту еден дуел на теренот. Јувентус секогаш ги проценувале ваквите ситуации на крајот на сезоната и никогаш не сакаме избрзани одлуки“, вели Ањели.
Juventus, Agnelli: “Provo vergogna, sono arrabbiato. Ma Allegri resta” https://t.co/wssfRbfzC0
— Repubblica (@repubblica) October 11, 2022