Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека Србија ќе остане без струја и гас доколку се уништи гасоводот „Турски тек“ и најави дека ќе побара од БИА и од полицијата да го заштитат гасоводот во Србија од можни пренасочувања.
„Никој во медиумите не забележа, а пишува дека претседателот Путин денеска рекол оти некој се обидел да го уништи ‘Турски тек’ и да го спречи понатамошниот проток на гас. Да се случеше тоа, не знам што ќе направеа, би значело дека нема да имаме струја бидејќи гасните централи ‘ТЕТО Нови Сад’, ‘Зрењанин’ и ‘ТЕТО Панчево’ не би работеле.Тоа би значело дека нема гас, нема ништо, без разлика на нашите резерви, кои се најголеми во историјата“, изјави Вучиќ, пренесува „Танјуг“.
Тој посочи дека тоа ќе значи оти шест месеци ќе останат без струја и гас.
Како што потсети, само Белград троши три милиони кубни метри гас, а на дневна основа пристигнуваат шест милиони кубни метри, што е редовната транша.
Вучиќ рече дека од руска страна ќе побара дополнителни информации за обидот за уништување на „Турски тек“ и дека ќе побара дополнително да се заштити гасоводот по целата должина.
„Разговарав со БИА, ќе разговарам и со полицијата за подигање хеликоптери и нивна заштита од потенцијални диверзии“, рече српскиот претседател.