Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, на денешниот брифинг со новинарите соопшти дека следната недела ќе пристигне Извештајот на Европската комисија за напредокот на државата и дека истиот очекува да биде позитивен.
„Очекуваме позитивен Извештај кој несомнено ќе биде наш водич за следните реформи и активности, со сите негови добри и помалку добри оценки. Ова ќе биде прв Извештај од почетокот на преговорите и не очекувам да има некакви изненадувања“ – рече Маричиќ.
Тој брифираше и дека од 7 ноември, со почетокот на билатералните состаноци, ќе има разделување со албанскиот преговарачки тим, и дека одделно ќе го продолжиме билатералниот скрининг.
Покрај Маричиќ на брифингот беше присутен и надворешниот експерт, поранешниот хрватски преговарач, Владимир Дробњак, кој даде краток осврт на текот на преговорите на Хрватска и го сподели искуството во преговарањето со Европската Унија во одделни области.
„Преговорите треба да ги сфатите како трансформација на општеството, која води кон корист за сите. Секоја тешкотија во текот на преговорите ќе ви се исплати кога ќе го добиете членството во ЕУ“ – порача Дробњак.
Маричиќ навести дека во фокусот на скринингот ќе бидат владеењето на правото, реформата на јавната администрација и функционирањето на демократските институции во земјава, за што се очекуваат патокази за сите три области до март идната година.
Првите два се задолжителни и без нив не може да се отвори Кластерот, додека пак патоказот за функционирањето на демократските институции е доброволен, но е добро да го имаме и него изготвено, вели тој.