Претседателот на Собранието Талат Џафери, денес оствари средба со Делегација од европратеници на Зелените/Европска слободна алијанса (EFA) од Европскиот парламент во состав: Тинеке Стрик, европратеничка од Холандија, Известител во сенка и портпарол за Република Северна Македонија и Рајнхард Бутикофер, европратеник од Сојузна Република Германија.
Изразувајќи задоволство од повторната средба, претседателот Џафери се заблагодари за одличната соработка и континуираната поддршка на Европскиот парламент за нашите евроинтеграции.
Од негова страна, посебен акцент беше ставен на макотрпниот пат кој граѓаните и политичарите го поминаа за остварување на двете стратешки цели, членството во НАТО и во ЕУ, од кои едната е веќе реалност, а за втората од јули оваа година конечно влеговме во последната фаза од пристапувањето.
Претседателот Џафери ги информираше соговорниците за активностите на државните институции за поддршка на институциите на Украина и приклучувањето кон санкциите кон Руската Федерација, како и за неговата посета на Украина и средбите со претставниците на државниот врв на земјата.
Стрик го поздрави одржувањето на денешната средба, нагласувајќи дека делегацијата во чиј состав е и самата во повеќе наврати ја посетува Република Северна Македонија и е нејзин безрезервен пријател и особено се радува за почетокот на преговорите за членство во ЕУ.