Светската фудбалска федерација (ФИФА) ја потврди претходната одлука, и ги отфрли жалбите на Чиле и Перу, потврдувајќи дека Еквадор ќе остане на Светското првенство во Катар и покрај сомнежите дека играле квалификации со Бајрон Кастијло, фудбалер со сомнителни документи, кој наводно е роден во Колумбија.
Комисијата за жалби на ФИФА, ги одби последните тврдења на Чиле, и иако даде многу малку детали за својата одлука, потврди дека фактот што Кастилјо и постојано жителство во Еквадор било доволно да се стигне до заклучок дека смее да игра за нивната репрезентација. Чилеанската фудбалска федерација ќе се обиде да направи уште еден обид да ја „собори“ оваа одлука и да го спречи Еквадор да настапи на Мундијалот, со жалба кај Судот за арбитража во спортот (ЦАС) во Лозана.
Дискусијата за Кастијло, кој игра професионално во мексиканската лига, трае неколку месеци, откако Еквадор беше една од четирите репрезентации кои директно се пласираа на првенството, покрај Бразил, Аргентина и Уругвај. Чиле бараше во осум меча на Еквадор да биде доделен службен резултат (3:0), со што Чиле би се искачил на четвртото место на табелата и би добил директно место на Мундијалот. На нивната тужба се приклучи и Перу, кои беа петтопласирани и го загубија баражот против Австралија.