Утрински Весник
Македонија

Ковачевски: Имавме многу предизвици, но денес сме земја-членка на НАТО која започна преговори со ЕУ

Ковачевски: Имавме многу предизвици, но денес сме земја-членка на НАТО која започна преговори со ЕУ

Премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање при посетата во ГОБ „8 Септември“ истакна дека за да може да се одговори на прашање каде е нешто во моментов, треба да видиме од каде тргна државата пред 31 година.

dobivaj vesti na viber

„Ние пред 31 година прогласивме независност, граѓаните на референдум се изјаснија за слободна, суверена, независна Македонија, држава која помина низ социјална, економска и општествена трансформација, оние кои што беа во 91-та година можат да им кажат на помладите дека бевме држава која што требаше да воведе своја платежна единица – денарот, држава која што требаше да формира практично од ништо своја јавна администрација, своја независна војска, но истовремено работејќи и на остварувањето на стратешките цели на државата. Ние уште при формирањето на државата се определивме за членство во НАТО и членство во ЕУ. На тој пат моравме да донесеме тешки одлуки, не заради себе, често пати заради геополитички и регионалните влијанија, често пати и заради лоши судии, меѓутоа граѓаните заедно со политичарите кои што беа секогаш прогресивни, тие што ги носеа одлуките, донесоа тешки одлуки и денеска сме членка на НАТО, гледаме колкаво е значењето во една војна која што се води во Европа, и отпочнавме преговори со ЕУ“, рече Ковачевски.

Подвлече дека државата и покрај промените во економскиот, социјалниот, општествениот систем, претрпе големи промени и во делот на индустријата.

„Нашата индустрија и нашето стопанство помина низ еден тежок период на трансформација каде што беа изгубени најголемиот дел од пазарите до 90-тите години, кои што беа во бившите републики од Југославија и мораше да се изнајдат нови пазари, да се работи на преструктуирање на индустријата. Ако денес погледнеме нашиот БДП веќе го сочинуваат нови индустрии од ИТ секторот, од аудио-визуелните уметности итн. Ако ги погледнеме и уписите на факултетите гледаме дека е навистина една голема гордост што студентите се запишуваат на техничките факултети, особено на Факултетот за информатички технологии. Сето тоа се постигнувања кои што ги направиле нашите граѓани и кои што направиле подобро место за живеење во 2022 година, во однос на она што беше во 1991 година“, рече Ковачевски.

Според него во овие 31 година независност поминавме многу предизвици како ембаргото од Грција, од атентатот на претседателот Киро Глигоров, потоа несреќата во која што загина прерано претседателот Трајковски.

„Во 2001 година имавме конфликт во државата, меѓутоа со помош на дијалог, со помош на единство, со помош на рационално однесување на далекугледите и прогресивни политичари во државата ние денес сме држава која што ги има решено сите отворени прашања со соседите. Ние сме етаблирана држава во меѓународни рамки, членка на НАТО и до 2030 ќе станеме членка и на ЕУ , тоа се големи постигнувања пред се на македонските граѓани, без разлика на нивната етничка, политичка, било каква друга припадност“, истакна Ковачевски.

Можете да прочитате

Уште еден земјотрес ја стресе Македонија

Исчезната е Владанка Спиковска од Скопје – доколку некој ја види веднаш пријавете

Утре Ден на жалост на територијата на Општина Охрид по повод смртта на владиката Тимотеј