Утрински Весник
Македонија

Ковачевски: Стратешките комуникации на НАТО се најсилното оружје против дезинформациите и хибридните дејствија

Ковачевски: Стратешките комуникации на НАТО се најсилното оружје против дезинформациите и хибридните дејствија

За нас, како најнова членка на НАТО, ваквите настани се од исклучителна важност, бидејќи тие го детерминираат нашето понатамошно внатрешно организирање и делување во полето на стратешките комуникации, изјави Претседателот на Владата Димитар Ковачевски во своето обраќање на НАТО конференција за комуникатори.

dobivaj vesti na viber

„ Како НАТО членка, посветено придонесуваме кон колективната безбедност. Тоа е видливо низ изминатава година преку сите преземени активности, без разлика дали е помошта и поддршката за Украина, воените вежби Брз одговор 22 или Блесок 22 итн. Но воените и политичките активности се тесно врзани со нивната комуникација и со умешноста истите да ги доближиме што поблиску и што поточно до граѓаните. Од комуникациите и од нашата отвореност зависи дали и како граѓаните ќе разберат на кои начини работиме секојдневно на зачувување на нивната безбедност.

Иако во безбедносните кругови понекогаш преовладува мислата дека кога во јавноста нема дискусија за безбедноста, значи дека безбедноста си ја врши работата, сепак јас лично не се согласувам со таа теза. Сметам дека во ерата на дезинформациите и хибридните напади, токму стратешките комуникации имаат најважна улога во борбата и доспевот на точните и проверени информации до граѓаните, наспроти дезинформациите чија цел е да внесат немир и страв.

Воената инвазија врз Украина од страна на Русија, и огромниот наплив на дезинформации околу истата, ни покажа дека комуникациите може да имаат сериозно раздорно влијание и против таквото влијание мора да се бориме. Точно е дека Украина во овој момент одлично се справува со информациската војна, за што од сите нас имаат поддршка, но токму таа информациска војна ни покажува колкава е улогата на комуникациите во стабилноста на една земја и еден регион“ рече Ковачевски.

Според него, комуникациите и информациската сфера не биле никогаш поважни за безбедноста и стабилноста од денеска. Безбедносната криза со која се соочува Европа и светот, како и во информациската сфера преку сајбер безбедноста и хибридните напади, покажува дека сите ние без разлика дали како членки на НАТО или како европски, и уште повеќе балкански земји, ќе мора да продолжиме со интензивниот фокус на ова поле, додаде тој.

„ Борбата со дезинформациите е приоритет на кој работиме и крос-секторски во Владата, но и партнерски со медиумските и граѓанските кругови. Само здружениот општествен пристап може да биде одговор, бидејќи проблемот со хибридните дејствија е сложен и влијае на целото општество.

Нашите владини и министерски комуникатори, воспоставија систем на транспаретност во кој точните проверени информации се лесно достапни и кои се ресурс во борбата со дезинформациите на дневно ниво. Воспоставениот стандард и репутација на отвореност и транспарентност ги прави дезинформациите лесно демантирани, а нивните ширачи дискредитирани. Ваквата проактивност помага во намалување на ширење на дезинформациите.

Голема е одговорноста за ова на сите вас, но јас сум уверен дека сите вие сте на висина на задачата и дека успешно одговарате на сите предизвици“ порача Ковачевски.

Можете да прочитате

Уништување на македонското знаме предизвика бурни реакции во јавноста

СДСМ најостро ги осудува инцидентите и сквернавењето на македонското знаме

ВМРО ДПМНЕ: Арсовска е креаторот и изворот на хаосот во јавните претпријатија и во Градот Скопје