Најкриминалната влада предводена од Ковачевски водена од желбата за профит при купување и продажба на струја, свесно го уништува енергетскиот сектор кој работи под оптималниот капацитет. Истото се случува за да можат одредени трговци да заработуваат милиони евра, истакна портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, реагирајќи на изјавите на Дарко Каевски од СДСМ дека Мицкоски како директор на „ЕЛЕМ“ купувал струја по 4 пати повисока цена.
„Како и за се друго, антимакедонската СДС повторно се обидува да ја префрли вината кон друг со лажни обвинувања и невистини. Имаат две тези дека Христијан Мицкоски како тогашен директор на „ЕЛЕМ“ набавувал струја по 4 пати повисока цена и дека струјата се зголемила за 100%. И за двете тези лажат затоа што се удавени до гуша во неспособност и криминал“, истакна Митева.
„Која е вистината? За периодот од 7-ми до 9-ти јануари цената која е набавена од „ЕЛЕМ“ е по цена од 59,37 евра, а просечната цена на HUPX за тој период изнесува 71,09 евра. Заклучок: Лажат. Еве и доказ за тоа“, нагласи Митева.
„Да сумирам, ако се одземат цените за меѓуграничните капацитети, само по основ на овие цени, Христијан Мицкоски набавил струја по цена пониска од 33% од таа што е на HUPX. Ако пак се додадат и прекуграничните капацитети тогаш тоа што го направил Христијан Мицкоски за компанијата е набавка на 40% поевтина струја од таа на HUPX“, дополни портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ.
Според неа, на лагите на СДС, како што рече, им нема крај, желни да го сокријат сопствениот криминал и неспособност се спремни да лажат и да обвинуваат други.
„СДС со 5 години власт успеа да го уништи ЕСМ и да го донесе од компанија која работи во позитива, во компанија која е во загуба. СДС се единствените кои успеале да донесат енергетска компанија во минус и за тоа ќе следи одговорност. Дај боже СДС да набавуваше струја по цена која е барем приближна како таа на HUPX. Вистината е дека денес владата набавува струја повисока од цените на HUPX и нема домашно производство што резултира со високи цени на струјата кои ги плаќаат граѓаните и бизнисот“, нагласи Митева.