„Власта повторно удри по џебот на граѓаните. Најголемиот број од домаќинствата и бизнис секторот ќе плаќаат поскапа струја од декември. И непобитен факт е дека Македонија е со години во криза, а сите кризи се резултат на неспособноста на оваа власт на СДСМ, поради нивните тендери во 4 очи и поради тоа што со покачувањето на цената на електричната енергија СДСМ овозможува само личен екстра профит“ вели портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
Таа посочи дека „со владата на Ковачевски, бизнисите во Македонија плаќаат и до 100% поскапа струја во однос на земјите во регионот. Според официјалните податоци на ЕУРОСТАТ за 2021 година за цената на струјата која ја плаќаат малите и средните бизниси со потрошувачка од 500 до 2000 мегават часови се гледа дека бизнисите во Македонија плаќаат и до двојно поскапа струја во однос на бизнисите од регионот“.
„Во 2021 година фирмите во Македонија плаќале за 82% поскапа струја од нивните колеги во Црна Гора, за 38% поскапа струја од бизнисмените во Србија, за 66% во однос на турските, за 70 во однос на босанските, за 98% во однос на косовските, за 12% во однос на хрватските и за 18.5% во однос на словенечките. Ова е доказ дека македонските фирми плаќаат најскапа струја во регионот, и тоа е пред се последица на криминалот и неспособноста на владата. Го намалија производството на Енергетскиот сектор во Македонија скоро двојно“ рече Митева.
Од опозициската партија посочуваат дека „СДСМ со своето неделување, криминал и неспособност сега допринесува истата ситуација да продолжи и следната година“.