Германскиот министер за економија Роберт Хабек денеска најави нови регулативи кои ќе се однесуваат на заштеда на енергија поради страв од недостиг, а се последица на прекинот на испораката на руски гас поради војната во Украина.
Во јавните згради ќе биде дозволено греење на максимални 19 степени Целзиусови, зградите и спомениците повеќе нема да се осветлуваат ноќе, а нема да се осветлуваат ниту рекламните билборди, изјави Хабек за весникот „СЗ“.
„Потребни се повеќе заштеди и во деловниот свет“ – рече тој, без да наведе повеќе детали.
Хабек рече дека за тоа се разговара и со претставници на Министерството за труд.
Во јули, Хабек претстави нов пакет за потрошувачка на енергија во контекст на значително намалување на снабдувањето со руски гас. Тогаш се зборуваше дека е важно да се намали потрошувачката на гас во компаниите, стопанските објекти и во приватните домаќинства.
Министерството за економија сега планира во соработка и координација со другите министерства да воведе дополнителни мерки поврзани со потрошувачката и ефикасноста на енергијата. За овие мерки е предвиден почетен период од шест месеци.