Патријархот на Српската православна црква (СПЦ) Порфирије пристигна во Подгорица каде со премиерот Дритан Абазовиќ го потпиша Основниот договор, пренесуваат српските медиуми.
Дел од медиумите претходно најавија дека потпишувањето ќе се случи на 3 август, но тоа тогаш го демантираше премиерот Дритан Абазовиќ. Црногорскиот министер за правда вчера изјави дека договорот ќе биде потпишан во првата половина на август.
Истовремено, Српската православна црква соопшти дека патријархот Порфирије ќе биде во Херцег Нови на 14 и 15 август, што многумина го поврзуваа со потпишувањето на договорот.
Сепак, на изненадување на многумина, патријархот денеска пристигна во Подгорица, а договорот е веќе потпишан, јавуваат медиумите во регионот.
Анализираат дека бидејќи самиот договор предизвика голема бура во црногорската јавност, тој неколку пати беше ревидиран и менуван. И покрај тоа, некои се уште тврдат дека тоа не е во согласност со Уставот на Црна Гора, поради што се заканија дека ќе ја соборат владата на Абазовиќ. Меѓу нив, како што стои во написите е и црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ.
„Доколку се потпише Основниот договор за кој јасно проценивме дека е спротивно на државните интереси на Црна Гора, како што беше усвоен од Владата, нема сомнеж дека ќе ја процесираме иницијативата за смена на Владата. Парламентот продолжува да функционира, тој работи, закажуваме избори“, изјавил претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ во интервју за Н1.
Коментирајќи ја изјавата на црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ за гласањето за Основниот договор со Српската православна црква, Ѓукановиќ кажал дека тоа не е изненадување за него.