Утрински Весник
Свет

Гутереш: Светот е на чекор од нуклеарно уништување

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, денеска предупреди дека „човештвото е само едно недоразбирање и една погрешна процена од нуклеарното уништување“.

dobivaj vesti na viber

Гутереш го изјави ова на отворањето на долго одложуваната конференција на високо ниво за ревидирање на историскиот 50-годишен договор за нуклеарно неширење (НПТ) со цел, конечно, да се постигне свет без нуклеарно оружје, пренесува АП.

Генералниот секретар на ОН особено ги наведе војната во Украина и заканата од нуклеарно оружје во конфликтите на Блискиот Исток и Азија како ризици, два региона „што се на работ на катастрофа“ и посочи дека средбата се одржува „на критичен момент за нашиот колективен мир и безбедност“ во време на нуклеарна опасност невидена од екот на Студената војна, пренесува „Танјуг“.

Според него, конференцијата е „можност да се усвојат мерки што ќе помогнат да се избегне катастрофа и да се постави човештвото на нов пат без нуклеарно оружје“.

Гутереш рече дека речиси 13.000 нуклеарни оружја се наоѓаат во арсенали во светот и дека земјите што бараат „лажна безбедност“ трошат стотици милијарди долари на „оружје на судниот ден“.

„Сето ова се случува во време кога растат ризиците од ширење, а механизмите за спречување на ескалацијата слабеат. „Кризи со нуклеарни призвук тлеат од Блискиот Исток и на Корејскиот Полуостров до Украина“, рече Гутереш.

Тој ги повика учесниците на конференцијата итно да го зајакнат и реафирмираат 77-годишниот договор против употребата на нуклеарно оружје, да работат неуморно на елиминирање на нуклеарното оружје со нови заложби за намалување на арсеналот и да ја промовираат мирољубивата употреба на нуклеарната технологија.

„Идните генерации сметаат на вашата посветеност да нѐ држите од работ на бездната. Ова е нашиот момент да се соочиме со овој фундаментален тест и еднаш засекогаш да ставиме крај на заканата од нуклеарно уништување“, им порача Гутереш на учесниците на конференцијата, пренесуваат светските агенции.

Можете да прочитате

Суд во Флорида ѝ наложи на Тесла да плати 243 милиони долари отштета за фаталната несреќа со автопилот

Oграничена употребата на мобилни телефони во училиштата во Финска

Украински напади со беспилотни летала на југот на Русија, најмалку три лица загинаа