Акциониот трилер The Gray Man („Сивиот човек“), најскапиот филм на „Нетфликс“ досега, бележи голема гледаност во светски рамки и покрај неповолните рецензии.
Овој филм е најгледаната содржина на стриминг-платформата оваа недела. Претплатниците на стримерот поминале 88,5 милиони часови гледајќи го.
Успехот на филмот веројатно ги изненадува критичарите кои напишаа неповолни рецензии. Иако беа вложени многу пари и во него глумат неколку ѕвезди, „Сивиот човек“ беше оценет како фијаско од страна на критичарите.
„Овој трилер го направиле луѓе кои знаат што е добар трилер, ама не знаат како сами да го направат“, напиша критичарот на „Глоуб енд мејл“, Бери Херц.
И покрај тоа што критичарите немаат баш добро мислење за филмот, гледачите се воодушевени од него и толку многу им се допадна што бараат што побрзо да се сними продолжение.
Филмот го режираа браќата Русо, кои се прославија со хитови од филмскиот универзум на „Марвел“, а актерската екипа е полна со познати имиња. Покрај Рајан Гослинг и Крис Еванс, тука се и британскиот актер Реџе-Џин Пејџ, познат по хит-серија „Бриџертон“, како и Ана де Армас и Били Боб Торнтон.
„Нетфликс“ инвестираше рекордни 200 милиони долари во филмот, а приказната следи агент на ЦИА Корт Џентри (Гослинг) со кодно име Сиера Сикс, кој открива мрачна тајна на организацијата во која работи.
Судејќи според реакциите на социјалните мрежи, заплетот падна во втор план бидејќи сите зборуваат само за еден детаљ, мустаќите на Крис Еванс во стилот на 70-тите, пренесува LADbible. Еванс глуми негативец социопат во потера по главниот лик, агентот Сикс (Гослинг).
Феноменот веќе доби официјално име „Ефектот Еванс“ и соодветен хаштаг на Твитер #TrashStache, како што ги нарекува Гослинг во филмот.