Европската Унија се соочува со опасност од дополнително намалување на протокот на гас од Русија, кој Кремљ го користи како оружје, а речиси половина од земјите-членки се веќе погодени од намалените испораки на гас од Русија, пишуваат медиумите.
Според написите, европската комисија во средата го претстави планот „Заштедете гас за побезбедна зима“ со кој се предвидува намалување на потрошувачката на гас за 15 отсто во периодот од 1 август годинава до 31 март 2023 година.
Оттука, Комисијата посочува дека е неопходно да се дејствува навреме, да се преземат чекори токму сега, со цел значително да се намалат ризикот и трошоците за Европа во случај на натамошни нарушувања во снабдувањето со гас.
Планот за намалување на потрошувачката на гас предвидува сите потрошувачи, домаќинствата, јавната администрација, сопствениците на јавни згради, производителите на енергија и индустријата да преземат мерки во оваа смисла на доброволна основа.
Предлогот и дава можност на Комисијата по консултација со земјите-членки да објави предупредување на ниво на Унијата, со што би се наметнало задолжително намалување на потрошувачката на гас за сите земји-членки. Таква вонредна состојба може да се прогласи во случај на висок ризик од недостиг на гас или во случај на исклучително голема побарувачка за гас.
Комисијата, исто така, ги повика земјите-членки да започнат јавна кампања за подигање на свеста за потребата од намалување на греењето и ладењето. Земјите-членки би можеле, на пример, да утврдат дека јавните згради се загреваат за неколку степени помалку или дека интензитетот на ладење е намален во текот на летните месеци.