„Владата предводена од СДСМ вчера го усвои новиот Предлог Закон за заштита на потрошувачите. Преку ова законско решение се обезбедува високо ниво на заштита на правата за потрошувачите, но и се гарантираат полесни услови за деловно работење на компаниите. Преку ефективен надзор на пазарот, подобро информирање и едуцирање на потрошувачите за нивните права, зајакнување на независноста и репрезентативноста на здруженијата за заштита на потрошувачите овој закон ќе овозможи подобро остварување на правата на потрошувачите“ рече меѓудругото на денешната прес-конференција пратеничката од СДСМ – Даниела Николова.
Taa рече дека „потрошувачите чии права се повредени преку нечесни трговски практики, измамнички и агресивни трговски практики од страна на трговецот имаат право на надомест на штетата, на сразмерно намалување на цената и раскинување на договорот, додека за трговците се предвидени глоби, санкции и забрана за вршење на дејност“.
„За прекршување на одредбите од овој закон предвидени се глоби од 50 до 500 евра за одговорно лице и трговец поединец, односно од 500 до 10.000 евра за трговците во зависност дали станува збор за мал, среден или голем трговец. Светската економска криза на површина извади многу нечесно и измамничко постапување на одредени трговци на штета на потрошувачите. Со овој закон значително ќе се унапреди заштитата на потрошувачите и ќе се стави крај на неетички, измамнички пракси од страна на трговците“ посочи Николова.