Од печат излезе новиот, дванаесети роман на Паскал Гилевски „Излезе сејачот да сее – роман за Блаже Конески“, во издание на „Матица македонска“ од Скопје. Делото е засновано врз педесетина средби на авторот со великанот на македонската литература и наука, при што е опфатен период од три децении од животот на Конески, но во книгава читателите ќе се сретнат и со цела плејада на познати личности од Блажевата епоха, главно писатели, уметници и политичари, кои оставиле длабоки траги во поновата македонска историја и национална култура.
Романот за Конески е напишан во препознатливиот раскажувачки стил на Паскал Гилевски, кој се состои во актуелност на темата, силата на сугестијата на раскажувањето и читливоста. Во оваа книга читателот ќе открие мноштво непознати страници од интимниот живот на поетот кој во една песна ќе го напише и стихот; “тајна крие мојот живот“, нагласува Раде Силјан во препораката на изданието.
Паскал Гилевски е автор на богат литературен опус, за кој е добитник на престижни национални и меѓународни признанија, меѓу кои и на наградите „11 Октомври“ и „23 Октомври“ за животно дело од областа на културата. Член е Унгарската академија на науките и уметностите.
Текстот Од печат излезе новиот роман на Паскал Гилевски „Излезе сејачот да сее – роман за Блаже Конески“ е превземен од МАКФАКС.